Најдобрата македонската тенисерка Лина Ѓорческа остана без финале на фјучрсот што се игра во грчкиот град Ираклион за награден фонд од 40.000 долари.

Таа денеска во полуфиналето загуби од Екатерина Макараова од Русија со 2-0 во сетови (76(8) 63).

На почетокот на мечот двете тенисерки го освојуваа гемот на свој сервис до резултат 3:2. Во следниот Ѓорческа направи брејк и поведе со 4:2. Но, потоа следуваше серија од три гема на Макараова за водство од 5:4. Сепак сетот беше решен во тај-брејк. Лина поведе со 4:2 и 5:3 на поени, но повторно со мини серија ривалката дојде до сет топка. Ѓорческа спаси две сет топки, но Макарова тај-брејкот го заврши со 10:8 на поени.

Во вториот сет македонската тенисерка поведе со 1:0, но противничката имаше серија од пет гема и потоа водство од 5:1. Ѓорческа успеа да освои само два гема што беше недоволно за пресврт и Макарова сетот го доби со 6:3. Мечот траеше 1 час и 53 минути.

За пласманот во полуфиналето нашата тенисерка освои 25 поени и за очекување е на новото рангирање да има подобрување на својата позиција на ВТА листата.

По една недела пауза Лина Ѓорческа е пријавена за настап на фјучрс турнир во Валенсија од 20.ноември што ќе се игра за награден фонд од 100.000 долари.