Со триумфот над Французинката, Лоа Буасон, најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа обезбеди ново полуфинале.

Лина е меѓу четирите најдобри фјучрсот во Куршумлијска бања, Србија што се игра за награден фонд од 40.000 долари.

Ѓорческа во два сета со 7-5  и 7-6(3) ја совлада противничката, откако во вториот сет спаси четири сет топки во 10-тиот гем.

Четирите брејка од 10 можности, наспроти 3 од 15 на Буасон, беа решавачки Ѓорческа да го добие мечот за 1 час и 44 минути.

Во првиот сет прва до предност од два гема дојде македонската тенисерка (3:1 и 4:2), но ривалката со серија од три гема поведе со 5:4.Следуваа следуваа три гема на Ѓорческа за 7:5, иако во 12.гем на свој сервис направи и три двојни сервис грешки сепак на крајот го доби гемот и со тоа и сетот.

Во вториот сет Лина постојано „бркаше“ водство на противничката. Буасон поведе со 2:0, а потоа следуваше 2:2, за Французинката да дојде до нова предност од 5:2. Ѓорческа усепа да изедначи на 5:5, а по 6:6 сетот беше решен во тај брек. По 2:2 на поени Ѓорческа направи серија од 4:0 за водство од 6:2, а гемот го заврши со 7:3 на поени.

Во полуфиналето македонската тенисерка ќе игра против Доминика Салкова од Словачка. Таа  денеска беше подобра од Александра Круниќ од Србија со 2:0 во сетови. Салкова има 19 години и се наоѓа на 352 место на ВТА листата.

Од сите четири полуфиналистки единствено Ѓорческа е рангирана како носителка (број 5).

Во второто полуфинале ќе играат Даниела Висмане (Летонија) и Антонија Ружиќ (Хрватска).