Надица Максимовска е дел од женската кадетска репрезентација на Македонија. Таа игра на позициите лев и среден бек. Ракометарката на екипата на Скопје, во 2021 година беше прогласена за најдобар играч на завршниот турнир во пионерската лига.

Пред неа и нејзините соиграчки од кадетската репрезентација, престои голем предизвик Европското првенство.

,,Би сакала да се вратиме дома задоволни од тоа што ќе го покажеме на првенството и секако да се вратиме со злато. Мислам дека одлично се подготвуваме за ова првенство но, секогаш може повеќе да се работи, ние напорно работиме и за време на тренинзите го даваме нашиот максимум”, изјави Надица.

Таа е оптимист. Иако имаат тешка група, таа верува во својата екипа, а желбата ќе биде главен фактор за победа и секако освојување на едно вакво првенство.

,,Сите во групата се силни противници и верувам дека ќе успееме да се носиме со нив и да бидеме први. Исто така, е и големо искуство што играме против добри екипи. Но, секогаш желбата е поголема од се, доколку имаме голема желба и дадеме се од себе, ќе постигнеме добри резултати. Соработката и комуникацијата меѓу нас ни е во голема предност во однос на противниците”, вели таа.

Публиката секако ќе биде со голема улога. Со поддршката што ќе ја дава на овие девојки ќе им биде дополнителна мотивација за поголем успех.

,,Се разбира, да биде публиката дел од нас, со тоа што ќе не бодрат ќе ни даваат сила да издржиме да играме на ниво и да успееме да се вратиме со злато”, посочи Максимовска.

Кадетската репрезентација предводена од Кристијан Грчевски ќе игра на Европското Првенство кое ќе се одржи во Црна Гора од 3 до 13 август.

Македонија е во група со Романија, Унгарија и Франција.

Ивона Кимовска