Машката јуниорска репрезентација на Македонија го претрпе вториот пораз на Европскиот шампионат во Белград.
Откако вчера пропуштија реална шанса да стигна до првите бодови, во дуелот против Словенија, денеска македонскиот јуниори немаа никакви шанси против Французите.
Натпреварот од второто коло на А групата француската селекција го доби со убедливи 36:25.
Нашите млади ракометари беа рамноправни само до 15-та минута, кога на семафорот стоеше израмнет резултат 9-9. Потоа Триколорите направија две серии од 3:1 и веќе имаа предност од плус 5 голови. Полувремето Франција го заврши со предност од седум гола 20:13.
Вториот дел противникот го почна со 4 врзани погодоци, на кои нашите ракометари немаа одговор. Затоа Франција стигнаа и до двоцифрена предност од +11, а најголемата изнесуваше +12. Јасно беше дека избраниците на Кузманоски нема што да бараат во овој натпревар, па вториот пораз беше неизбежен.
Следува ден одмор за нашата селекција, која во сабота ќе игра против еден од главните фаворити за највисок пласман Шведска.































