Пораз на машката младинска репрезентација на Македонија за кошаркари до 20 години, на стартот на Европското првенство (Б дивизија) што денеска започна во Скопје. Македонските младинци од готово направија вересија и се поразени од Чешка со 75-80.

Ако во првото полувреме ги служеше шутот, коба беше нај потребно македонските кошаркари не можеа да погодат.

Одлично го отворија натпреварот со 17-02 и највисока предност од 15 поени, за на полувремето да заминат со само три предност (39-36). И во второто полувреме жолто-црвените имаа двоцифрена позитива +11 (60-49), на помалку од три минути до крајот на третиот период. А, тогаш тргна колата низ брдо.

Клуч момент беше неспортскиот фалу на Амар Хот на 2:18 до крајот при водство на противникот од 4 поени, а Чесите го искористија тоа и заминаа на +8. Обидите со тројки да се анулира негативата не вроди со плод, па Чесите заслужено се радуваа на првата победа со кончени 80-75.

Немаа решение избраниците на селекторот Никола Василев за одличниот Радован Мазек кој со 29 поени беше најефикасен на натпреварот, а имаше поддршка и од Свец кој на 14 поени додаде 9 скокови, како и Кел и Шафарик кои постигнаа 12 односно 11 поени.

Во нашата селекција двоцифрени беа четворица играчи: Митревски (18), Симиќ (14), Бошалевски и Шошкиќ по 11 поени.

Утре во рамките од 2.коло на А групата Македонија за противник ќе ја има селекцијата на Словачка против која ќе игра во терминот од 18.30 часот.

Во првиот натпревар од нашата група Бугарија ја декласира Ирска со 95-38.

Пласман во разигрувањето обезбедуваат двете првопласирани екипи од четирите групи, а место во А дивизијата трите најдобри од ова првенство.