Женската јуниорска репрезентација на Македонија, за кошаркарки до 18 години, го претрпе и четврттиот пораз во Б дивизијата на Европското првенство што се одржува во Софија.

Во натпревар од последното 5.коло на А групата, избраничките на селекторката Јелена Антиќ повторно убедливо загубија сега од врсночлките од Данска со 33 поени разлика 40-73.

Дури и данската селекција која како и нашата до овој натпревар имаше три убедливи порази, излезе како далеку подобра во однос на црвено-жолтите кои во двете четвртини од второто полувреме имаа едноцифрен број на постигнати поени, девет односно седум.

Така со четири убедливи порази, без ниту една победа, македонските јуниорки како последни ја завршија групната фаза, па во следната ќе играат во ново формираната Е група, за пласман од 9 до 18 место.