Рускиот тенисер Даниил Медведев, кој ја имаше улогата на вториот носител на Ролан Гарос, е елиминиран уште во првото коло на Грен слем турнирот во Париз. 

Зa големото изненадување се погрижи анонимниот бразилски тенисер Тиаго Зајбот Вајлд кој во меч што траеше 4 часа и 15 минути го доби Русинот со 3:2 во сетови. 

Дуелот меѓу фаворитот и аутсајдерот изобилуваше со брејкови и пресврти, а евидентно беше дека на Медведев нема да му биде лесно да се пласира во второто коло, што веќе се виде во првиот сет, кој 172-от тенисер на АТП листата го доби по тај-брејк.

Вториот сет исто така беше решен во тај-брејк, Вајлд имаше два сет топки за водство од 2:0, но Медведев дојде од негатива од 4:6 и стигна до сетот со четири врзани поени. Во третиот сет Бразилецот направи еден, а Русинот дури три брејка, со што поведе со 2:1.

И кога се чинеше дека вториот тенисер на светот ја презеде контролата, Бразилецот го доби четвртиот сет откако направи два брејка, еден повеќе од ривалот.

И петтиот сет изобилуваше со брејкови, а подобро се снајде Бразилецот, кој успеа да го прекине мечот и со два врзани гема по 4:4 стигна до најголемата победа во кариерата досега.

Противник на Зајбот Вајлд во второто коло ќе биде победникот од мечот Квентин Алис – Гвидо Пела.