Македонскиот тенисер Калин Ивановски го освои првиот трофеј во конкуренција на двојки откако попладнево заедно со Олександр Овчаренко во финалето на фјучрсот во Куршумлијска Бања ги победија Андреј Чепелев од Русија и Микалаи Халиак од Беорусија со 2-1 во сетови. Ивановски утре ќе игра и во финалето во сингл на истиот турнир против Клемен Табу (Франција).

Првиот сет им припадна на Чепелев и Халиак, кои направија брејк и поведоа со 5:2 и сетото го завршија со 6:3 во гемови. Повеќе неизвесност имаше во вториот сет, кога Ивановски и Овчаренко беа на чекор до освојување на сетот откако поведоа со 5:3, но сетот сепак беше решен во тај брекот, со 7:5 на поени за македонско-украинската комбинација.

Во решавачкиот сет на поени Ивановски и Овчаренко поведоа со 7:0, а сетот го завршија со 10:5.

Ивановски заедно со Овчаренко за победата во двојки ќе добијат по 25 поени.