Македонскиот кошаркарски стратег Емил Рајковиќ и неговата екипа ЦСКА Москва останаа без финале во ВТБ лигата. 

Ова откако попладнево во решавачкиот седми натпревар или популарната мајсторка, ЦСКА предводена Рајковиќ, загуби во трилер дуелот од Локомотив Кубан и тоа по дополнителните пет минути игра.

Имаше ЦСКА и девет поени предност на помалку од седум минути до крајот 75-66, но до крајот на регуларниот дел „црвено-ермејците“ постигнаа само 10 наспроти 19-те на гостите од Кубан, кои го имаа и последниот напад за победа, што не го реализираа, па со 85-85 завршија регуларните 40-минути. 

А, во дополнителните пет, односно продолжението, повеќе нерви, концентрација, па дури и желба за победа прокажаа гостите кои на крајот сосема се заслужено се радуваа на триумф со конечни 103-100, за со 4:3 во победи да ја добијат полуфиналната серија. 

Сега Локомотив ќе го чека исходот од вториот полуфинален дуел, во кој исто така ќе се игра мајсторка меѓу Уникс Казан и Зенит Сент Петербург, меч во кој македонската спортска јавност, пред се кошаркарска сигурно ќе навива за Уникс во чии редови настапува најдобриот македонски репрезентативец Ненад Димитриевиќ. 

Ќе успее ли популарниот Нено да одигра уште една брилијантна партија и да го одведе Уникс до финале, останува да видиме на утрешниот натпревар што започнува од 19 часот.