Одбојкарките на Работнички Скопје се старо-новите шампионки на Македонија. Ова откако финалната серија со Јанта волеј ја добија со 3:1 во победи.

Вечерва во четвртиот супер интересен и резултатски неизвесен меч, што траеше повеќе од два часа, беа одиграни пет сета. На крајот да се радуваат одбојкарките на Работнички Скопје со конечни 3:2 во сетови.

Гостинките одлично го отворија мечот и брго создадоа шест поени предност, а имаа и +7 при резултат 19-12. Но, по тајмаутот на домашниот тренер Јаневиќ домаќинките направија серија со 5-1 и се доближија на само три негатива 17-20. Сепак, немаа доволно сили да направат и комплетен пресврт па Работнички го доби сетот со 25-20.

Во вториот сет обратна слика. Јанта имаше предност до 6-5, по што Работнички натпревари серија од 5-0 за водство од 10-6. Создадената предност избраничките на Деспотовски знаеја како да ја одржуваат па и зголемуваат. На крајот да го добијат сетот со осум разлика 25-17.

Иако имаа негатива од два сета, сепак домаќинките не се предадоа, добро го отворија третиот сет со 4-0, а во продолжението имаа и +8 (15-7), но тогаш се опуштија на противничките им дозволија лесно да стигнат само на -1 (17-16). Сепак актуелните шампионки немаа сили за комплетно да го свртат сетот во своја полза, бидејќи домаќинките одиграа далеку подобро во блокот и го добија сетот со 25-19, за намалување на 1:2.

И во четвртиот сет голема борба се водеше за секој поен. Јанта волеј го диктираше темпото, а со тоа и резултатот. Благодарение на бројните сервис грешки на гостинките, Јанта волеј го реши сетот во своја полза со 25-19, за израмнување на 2:2.

Во решавачкиот петти сет, гостинките отворија со 4-0. Во продолжението беше се полесно, за да го завршат сетот со убедливи 15-5 и конечни 3:2 во сетови.

Така одбојкарките на Работнички Скопје втора сезона во низа завршуваат со двојка круна.  Откако прво го одбранија Куп трофејот, сега и шампионскиот пехар, вкупно 16-ти во клупската историја на овој тим.