Македонската тениска федерација по подолг период ќе биде организатор на неколку турнири, но она што е најважно е тоа што рангот веќе не е нивото на фјучрс, туку се подготвува нешто поголемо Челинџер турнир со награден фонд од 80.000 долари. Турнирот е на ниво на АТП Челинџер 75 и се очекува настап на играчи рангирани од 100 до 300 место на АТП листата. Секако на овој турнир ќе имаат можност да настапат и македонски тенисери. Турнирот со квалификациите ќе трае од 20.мај до 27.мај. Воедно ова ќе биде прв голем турнир по Македонија Опен одржан 2000 година.

Покрај овој турнир ќе има и еден ITF фјучрс за мажи со награден фонд од 25.000 долари кои ќе се одржи од 4 до 11.јуни и потоа веднаш следува настапот на македонската Дејвис куп репрезентација во Кипар (12-17.јуни).

За жените односно за женската репрезентација, МТФ ја доби организацијата втора година по ред на Били Џин Купот Трета група и Македонија ќе биде домаќин на селекциите на Албанија, Азербејџан, Кипар, Ерманија, Финска, Исланд, Луксембург, Молдавија, Црна Гора и Сан Марино. Мечевите ќе се играат од 19 до 25.јуни.

За месец септември е најавен и женски ITF фјучрс турнир со награден фонд од 25.000 долари, што ќе значи по подолг период и сениорски турнир во женска конкуренција во Скопје.

Како најава на сите овие активности ќе биде и дипломатскиот турнир што ќе се одржи на 7.мај.

Сите активности се предвидени да се одржуваат на терените на ТК Југ во Градскиот парк во Скопје.

Македонската тениска федерација за месец септември подготвува и монографија по повод „70 години македонски тенис“.