Македонскиот тенисер Калин Ивановски по 3 часа и 4 минути игра е поразен во финалето на фјучрсот во Монастир, Тунис од домашниот тенисер Моез Ечаргуи (настапи со вајлд карта) со 2-1 во сетови (3:6; 6:3; 7:6 (7:5)). Со ова прекината е серијата на победи во финалните мечеви на Ивановски, досега имаше серија од три од три победи во финалните мечеви на фјучрс турнирите во Мадрид, Монастир и Ираклион.

Решавачкиот трет сет почна со две брејк топки за Ечаргуи, кои Ивановски успеа да ги спаси и поведе со 1:0 во гемови. Во следниот гем и Ивановски имаше брејк топка, но не ја искористи. По водството на македонскиот тенисер од 2:1 во гемови, Ивановски направи брејк и поведе со 3:1 во гемови. Но, Тунижанецот успеа да се врати најпрвин намали на 3:2 со ри-брејк, а потоа ја продолжи серијата од вкупно четири гемови во низа и поведе со 5:3. Ивановски го освои гемот на свој сервис и намали на 5:4, а потоа направи нов брејк за продолжување на неизвесноста во мечот. Нашиот тенисер го доби и следниот гем на свој сервис и поведе со 6:5. Ечаргуи го доби гемот за 6:6 и тај брекот го реши победникот. Во „13.та игра“ искусниот Тунижанец (30 години) беше поуспешен и на поени го доби тај брекот со 7:5.

Првиот сет го доби Ивановски со 6:3 во гемови. Македонскиот тенисер добро го почна мечот и поведе со 4:0, но ривалот успеа да се врати резултатски и да дојде до 4:3 во сетови. Во следните два гема Ивановски беше подобар и поведе со 1:0.

Вториот сет му припадна на домашниот тенисер кој го доби со 6:3. Ечаргуи имаше предност од 4:1 што се покажа како решавачко за освојување на сетот и изедначување.

Калин Ивановски од утре ќе настапува на уште еден фјучрс во Монастир и според пријавната листа засега е рангиран како прв носител.