Ракометарите на Македонија ја постигнаа втората победа откако попладнево во Плоцк ја совладаа селекцијата на Мароко со 40:25 (18:12). Со овој триумф Македонија го освои второ место во групата зад Тунис и во среда на 25.јануари од 18 часот ќе игра против Јужна Кореја.

Македонија добро го почна дуелот и по 2:2 следуваше наша серија од пет голови, од кои три од контри, со што ги казнувавме грешките на противникот за 7:2. Набрзо потоа Мароко намали на 8:6, а во продолжение се играше гол за гол до 13:11. Во тие моменти повторно Мароко повеќе греши (10-6 грешки) за зголемување на водството на Македонија кое на полувреме беше 18:12.

Добро го почнавме и вториот дел и со серија од четири голови во 35.минута за првпат имавме двоцифрено водство (22:12). Мароко првиот гол во вториот дел го постигна по 9 минути игра за 24:13. Во продолжението ја казнуваме секоја грешка на Мароко и преку контри го зголемувавме водството – 35:19 во 50.минута.

Најефикасни кај Македонија беа Кузмановски со 8 и Петар Атанасијевиќ со 7 голови, додека Томовски имаше 13 одбрани и беше прогласен за играч на натпреварот.