Пораз на женската јуниорска репрезентација на Македонија на отворањето на ЕП од Дивизијата „Б“ во литванскиот Алитус.
Многу подобар противник од нашата селекција „Под 18“ беше онаа на Романија која славеше со 42 поени разлика 87-45
Освен во првата четвртина во која имавме и двоцифрено водство, се друго беше на страна на романскиот јуниорски национален тим.
Одлично го отворија премиерниот меч нашите млади кошаркарки. По петти поен на А.Начевска, Македонија водеше со десет поени предност (16:6).
Но за нешто повеќе од две минути до крајот на првиот период, Романките направија серија од седум поени, и намалија на (13:16).
Го чувавме водството до 13. минута, кога противникот дојде до нерешен скор (20:20). Имавме проблеми со реализацијата во таа втора четвртина во која Романија направи комплетен резултатски и играчки пресврт. Во 17. минута, водеа со (30:23), а само индивидуалните квалитети на Колева и А.Начевска, нè оставија на (27:34), за полувремето да го дочекаме со двоцифрен минус (27:37).
Ниту по големиот одмор немаше сериозна промена во играта на нашата селекција, особено во оној офанзивен дел.
Нашите млади кошаркарки не успеаја да го пронајдат оној почетен ритам…
Романките изградија уште поголема предност, водеа со (53:36), како што беше резултатот во 28.минута. А до истекот на третата четвртина разликата беше уште поголема, противникот имаше плус 26 (62:36).
Ања Начевска финишираше со двоен ефект, изразен со 11. поени и 13.скока, и по две асистенции и освоени топки, но и седум загубени. Колева застана на девет поени (и по два скока и додавања), Николиќ даде шест, Џангаровска пет, Мариновска, Алексова и Трајковска имаа по четири, Пислевска два.
Во второто коло, кое е на распоредот утре, од 17.часот, нашиот женски јуниорски состав ќе игра против селекцијата на Германија.




































