Посветеноста, работата и желбата за надоградување секогаш даваат резултат. Таков е примерот и со Анета Павловска од Битола, тениски судија која ги достигна најголемите височини во овој дел од тенискиот спорт. Од минатата недела Анета е во рангот на тениските судии, кои можат да судат мечеви на најголемите тениски турнири во светот – Грен слем, АТП и ВТА турнирите.
-
Среќна сум да споделам дека минатата недела во Париз се стекнав со бронзена значка и станав главен интернационален судија кој може да суди на Грен слем, АТП и ВТА турнири. Ова ме прави вториот судија од Македонија во историјата со овој ранг, по Климе Буловски од Охрид. Кога јас ја започнував својата судиска кариера, тој веќе престануваше да суди, така што немав многу можности да учам од него, но сепак беше добар пример кој вреди да се следи, истакна Павловска.
Полагањето беше во Париз, а за самиот чин на полагање како што вели самата на „нејзиниот“ Ролан Гарос беше уште нешто ќе се памети.
-
Се некако е поврзано со „градот на светлината“. Полагањето го завршив во Париз, на терените на Ролан Гарос – каде го судев и мојот прв Грен Слем и моето прво Грен Слем финале, а во Франција ја добив и мојата прва значка во 2016 година. Испитот траеше три дена и вклучуваше различни форми на тестирање – интеракции со предавачите, теоретски и практични тестови кои создаваа притисок, бидејќи симулираа реални ситуации во кои мораш да донесеш одлука за само неколку секунди, раскажува Анета.
За значењето и големината на постигнатиот успех новата судијка со бронзена значка напомнува.
-
Вакви судиски школи има една до две во текот на една година, а понекогаш и на неколку години, што го прави целиот процес уште покомплексен. Самата селекција за да бидеш примен не е случајна – мора да се помине низ неколку чекори. Прво, се полага приемен тест, а потоа се анализираат сите евалуации што ги добиваме како судии на секој турнир. Покрај тоа, матичната тениска федерација мора да даде одобрување и да потврди дека кандидатот е подготвен за следното ниво. Конечно, Интернационална тениска федерација (ITF) селектира околу 20 судии од Европа од приближно 300-400 пријавени кандидати.
Упорноста во работата како тениски судија за Анета даде резултат.
-
Кога започнав со судење, не можев ни да замислам дека еден ден ќе стигнам до ова ниво. Но, со постојано учење, надградување, судење на турнири на различни нивоа и стекнување искуство, постепено ги отворав вратите кон светскиот тенис. Ова достигнување е резултат на многу труд, посветеност и љубов кон тенисот. Сега, со бронзената значка, ме очекуваат нови предизвици, но и нови можности на најголемите тениски сцени во светот, заврши Павловска.
Од оваа година Анета како претставник на Македонија ќе ја гледаме и во ново издание, секако заедно со најдобрите тенисери и тенисерки од целиот свет.