Македонската тенисерка Лина Ѓорческа заедно со Џил Тајхман успеаја да се пласираат во финалето на ВТА Челинџер турнирот Љубљана 125 што се игра за награден фонд од 100.000 евра. Македонско-швајцарската комбинација ги совладаа во полфиналето првите носителки Естел Касино од Франција и Анастасија Детиук од Чешка со 2-0 во сетови (6:1 6:2) за 58 минути игра.

Во првиот сет Ѓорческа и Тајхман имаа водство од 5:0 во гемови и без проблем го завршија првиот сет за водство од 1-0 во сетови. Во вториот сет беше нерешено на почетокот до 2:2,  а потоа Лина и Џил направија серија од четири гемови и го добија сетот со 6:2 во гемови.

Во утрешното финале Ѓорческа и Тајхман ќе играат против Нуриа Бранкацио од Италија и Лери Ромеро Хормаз од Шпанија.

Мечот ќе се игра во попладневните часови, од причина што Џил Тајхман која игра заедно со Ѓорческа ќе игра во финалето во сингл против Париаз Диаз од Шпанија.

Ова е второ финале за македонската тенисерка на ВТА Челинџер турнир откако во 2017 година играше на Бол на Брач.