По слободниот ден на Светското првенство за ракометарки до 20 години што се одржува во Скопје, денеска продолжија натпреварите. Женската младинска репрезентација на Македонија претрпе нов пораз. Во разигрувањето за пласман од 13 до 16 место, македонските младинки убедливо се совладани од Јужна Кореја со 34-29.
Освен на почетокот кога во три наврати жолто-црвебите имаа гол предност, се останато мина во знакот на Корејките. Тие постепено ја зголемуваа предноста па во 16-тата минута поведоа со +5 (10:5). Уште на полувремето Корејките имаа убедлива предност од седум разлика (17-10), па вториот дел беше само чиста формалност.
Иако Македонија се обидуваше да ја намали негативата гостите не дозволуваа. Така во 45.минута Кореја со серија 7-0 успеа да поведе со максимални +12 (27:15). До крајот без Корејките одработија рутински, а нашите младинки само го ублажија поразот на конечни пет разлика (34-29).
Најефикасни во репрезентацијата на Македонија беа Борјана Коцева со шест погодоци и Емилијана Ризоска со три гола.
По овој пораз за Македонија останува да го одигра уште последниот натпревар и тоа за пласман на 15-тото место. Во него утре (15:45 часот) македонските младинки ќе играат против Кина која денеска беше совладана од Египет (20-25).
Ивона Кимовска