Македонската машка одбојкарска репрезентација го претрпе третиот пораз во Европска златна лига.

На последниот турнир во Осијек, по голема борба и пет сета, Македонија загуби од домаќинот Хрватката со 2:3.

Исцрпувачки меч одиграа македонските одбојкари кој траеше 2 часа и 33 минути. Освен во вториот сет кој им припадна на црвено-жолтите убедливо, останатите беа неизвесни до последниот поен.

Дека тоа ќе биде „рововска битка“ беше најевено во првиот сет во кој беа одиграно дури 64 поени, а го добија Хрватите со 33-31. Во вториот Македонците одиграа беспрекорно и му препуштија на противникот само седумнаесет поени (25-17).

И третиот сет налик на првиот, но тој им припадна на нашите одбојкари со 29-27. Во четвртиот стартувавме со 3:0, бевме во игра до 12-12, по што противникот направи серија од 5-1. Тоа се покажа како клучно па Хрватите го добија сетот со 25-21 за израмнување на 2:2.

И решавачкиот петти сет беше решен во втората половина до која Македонија го диктираше темпото. По 6-6, повторно домаќинот со серија се одлепи на 11-7. Немаа сили македонските одбојкари да се вратат и да направат пресврт, па Хрватска го доби сетот со 15-12, а мечот со 3:2.

Утре во последниот натпревар Македонија ќе игра против Шпанија во терминот од 19 часот.