Македонската одбојкарска репрезентација ги одработува финалните подготовки за претстојното Европско првенство. Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски интензивно тренираат во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.
Формата пред настапот на континенталниот собир ќе се тестира преку серија контролни натпревари. Спаринг-партнер на нашиот национален тим е бугарскиот суперлигаш Берое.
Репрезентацијата на Македонија го доби првиот од трите контролни натпревари со 3:1 (25:19, 25:16, 22:25, 31:29). Капитенот Никола Ѓорѓиев освои 18 поени, додека Алаксандар Љафтов и Филип Савовски по 10 поени.
На овој дуел селекторот Јошко Миленкоски комбинираше со поставата и даде шанса на поголем дел од играчите кои ги има на располагање. Денеска и утре македонските одбојкари пак ќе одиграат контролни дуели со истиот противник. Дуелите се играат во СЦ „Јане Сандански“.
Македонија на своето четврто, последователно, учество на Еврофолеј, ќе игра во софиската „А“ група. Ривали ќе ни бидат селекциите на Бугарија, Полска, Украина, Израел и Португалија.






























