Македонската машка сениорска репрезентација, неславно го заврши својот втор настап во квалификациите за Олимписките игри.
Македонија претрпе три убедливи порази на турнирот во Талин. Црвено-жолтите не успеаја да стигнат ниту на вториот, а камо ли на третиот главен, преку кој се стигнуваше до Париз.
По преспиената ноќ, селекторот Александар Јончевски со свое видување за настапот на репрезентацијата.
Една од причините Јончевски ги гледа во бројните откажувања (Димитриевиќ, Крстевски, Мекиќ и Јакимовски).
„Додека сите други екипи имаа играчи од најсилните светски лиги, ние имавме огромни проблеми и да го составиме тимот по многубројните откажувања. Па така шанса за настап добија играчи, многу поголема и од онаа која ја имаат во нивните матични клубови“, изјави Јончевски.
Но. Селекторот во продолжението на изјавата ја допира дел од сржта на проблемот и реално констатира.
„Можеби тоа е и најголемиот проблем, каде дел од нашите стандардни , а сега и потенцијални репрезентативци не добиваат доволно простор каде би можеле да напредуваат , а со тоа и самата репрезентација. Некои од нив ги одиграа и првите минути во сениорска репрезентативна кошарка оваа сезона. Верувам дека од овој турнир ќе извлечеме огромна поука, не само ние во стручниот штаб, туку и самите играчи.
А, тоа е дека, во моментов сме далеку од квалитетот на репрезентациите со кои сме биле рамо до рамо, а некогаш и многу подобри. Треба да сфатиме дека тоа време помина, и дека сега е времето на новата генерација која треба да даде резултат во наредниот период. За да се случи тоа треба огромна работа, пожртвуваност и желба од страна на потенцијалните репрезентативци, а секако и услови во клубовите во кои настапуваат“, потенцира Јончевски. .
Но, дали и со онаа четврторка која недостасуваше, Македонија, реално може да смета на големи резултати? Времето ќе покаже, веќе во следната „акција“ квалификациите за Евробаскетот 2025-та.