Половичен успех во денешниот ден за најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа на фјучрсот во германскиот град Хешинген што се игра за награден фонд од 60.000 долари. Во мечот во поединечна конкуренција загуби, а потоа со Алена Фомина – Клоц избори полуфинале во двојки.

Во второто коло од сингл конкуренција Ѓорческа загуби со 2-1 во сетови (46 63 64) од Жива Фалкнер од Словенија (21 год. 518 ВТА) која на турнирот настпуваше и во квалификациите. 14-те двојни сервис грешки и 5-те брејка од 14 можност се причините за денешниот пораз. За разлика од македонската тенисерка, Словенката имаше 6/8 реализација на брејк топките.

Во првиот сет до 3:3 во гемови двете тенисерки го освојуваа гемот на свој сервис, а во седмиот гем Ѓорческа направи брејк и поведе со 4:3 што се покажа како клучно за да го добие сетот. Во вториот сет имаше по еден брејк до 2:2, а потоа следуваше серија од три гема на Фалкнер за водство од 5:2 со што беше направена предност за освојување на сетот со 6:3. Во решавачкиот сет (трет) во првите пет гема имаше брејкови, а потоа во честиот гем Словенката освои гем на свој сервис и поведе со 4:2 откако спаси три брејк топки во низа. Во следниот гем направи уште еден брејк за 5:2. Ѓорческа ја врати неизвесноста, но немаше сили за пресврт и сетот заврши со 6:4 за словенечката тенисерка.

Ѓорческа за пласманот во второто коло ќе добие 9 поени.

Во конкуренција на двојки со Фомина – Клоц ги победија Каролина Бајерова од Чешка и Анастасија Золотарева од Русија со 2-0 во сетови (62 63). Нивните противнички ќе бидат познати вечерва подоцна.