Македонската репрезентација со пет победи во пет меча стигна до посакуваното финале во рамките на Третата Европска зона од Били Џин Кинг купот што се игра во Скопје. Совладани беа селекциите на: Албанија, Азербејџан, Финска, Исланд и Молдавија. Победите беа максимални 3:0, со исклучок со првиот носител Финска – 2:1.

По денешниот триумф над Молдавија селекторот Димитар Лабудовиќ истакна:

  • Одигравме два одлични сингл меча со Молдавија што ни ја донесе посакуваната победа. Девојките беа на нивото на кое посакувавме. Истото важи и за мечот во двојки, откако беше познат победникот на теренот се појавија младите Данева и Симева, кои истотака одиграа добар меч. Во секој случај ова беше и за нив големо искуство не само овој меч туку и сите досега кои ги одиграа оваа година, како и Ана Митевска. Ерменија ни е ривалот во финалето што да кажеме, тимот и девојките ќе се погрижат да се прикажат во најдобро светло, но ќе ни биде потребна и помошта од трибините. Затоа ги повикувам сите љубители на спортот и на тенисот пред се да дојдат да им дадат поддршка на Лина, Меги, Александра, Ива и Ана. Секој поен ќе биде важен, битен, а на крајот сите заедно да се радуваме.

Финалниот дуел меѓу Македонија и Ерменија почнува во 10 часот. Влезот на трибините на слободен. Со македонски обележја трибините ќе изгледаат многу поубаво.