Машката младинска кошаркарска репрезентација за играчи до 20 години, ќе одигра двата контролни натпревари против врсниците од Црна Гога.

Македонските младинци се во Подгорица, каде денеска и утре ќе спарингуваат со Црногорците, како дел од подготовките за настапот во Б дивизијата на Европското првенство што од 7 јули започнува во Скопје.

„Со мојот црногорски колега, се договоривме двата натпревари да ги играме во попладневни термини, односно од 18.30 часот, со цел да се привикнеме на оние термини кои ги имаме на Европското првенство во Скопје. Домаќините ни излегоа во пресрет на овие барања, па двете проверки ќе ги играме во ова време, она во кое ќе ги играме нашите мечеви од Европското првенство“, изјави пред заминувањето селекторот Василев.

Што се однесува до очекувањата од овие први тестови, Василев дополнува:

„Патуваме во Подгорица на двомеч со репрезентацијата на Црна Гора. После десетдневните подготовки во Скопје ќе одиграме два натпревари со противник кој има одличен физикус и секогаш е во врвот. Ова ќе биде одличен тест, да видиме до каде сме со сработеното, и насока, како понатаму. Атмосферата и работната етика во тимот е одлична, имавме некои мали повреди кои полека ги санираме“.

На овие два натпревари селекторот Василев поведе 16 кошаркари, а според нашите информации, по враќањето во Скопје, се очекува селекторот да го скрати списокот, односно да го дефинира тимот што ќе настапи на ЕП во Скопје.

СПИСОК НА ИГРАЧИ ЗА ПРИЈАТЕЛСКИТЕ НАТПРЕВАРИ ВО ЦРНА ГОРА
Амар Хот, Марин Петков, Андреј Митревски, Карло Блажевски, Филип Пандев, Виктор Стојковски, Димитар Иванов, Никола Василевски, Милош Јовановиќ, Андреј Шошкиќ, Петар Бошалески, Филип Наков, Никола Бојчев, Тома Стојаноски, Резарт Мемед, Теодор Симиќ.