На охридскиот ракометен турнир „Крсте Андоновски“ денеска ќе се играат нови три натпревари. Едниот од нив истовремено е и натпревар што се бодува за новоформираната Регионална ракометна лига (РРЛ).
Дуелот меѓу домаќинот Охрид и српскиот вицепрвак Војводина е и 1.коло на Б групата. Но, ова не е премиерниот меч во новоформираната лига. Потсетување дека пред два дена исто така во Охрид, дуел од оваа конкуренција одиграа Вардар и Војводина, а заврши со убедлив триумф на македонскиот шампион. Дел од Б групата во РРЛ лигата се и екипите на Динамо Панчево и Будва.
Вчера на првиот натпреварувачки ден на турнирот, охриѓани ја совладаа младинската селекција на Египет (У20), а Војводина загуби од Загреб.
Дуелот меѓу Охрид и Војводина што ќе се игра во СЦ „Биљанини извори“ ќе почне од 18.45 часот.
Тоа ќе биде вториот меч од денешната програма на охридскиот турнир. Во првиот од 16.30 часот ќе играат Загреб и младинската селекција на Египет до 20 години. Последниот термин од 21 часот е резервиран за натпреварот меѓу словенечкиот Тримо Требње и екипата на Нексе од Хрватска.






























