Ракометарите на Алкалоид забележаа уште еднаш убедлива победа во дуелот со црногорската екипа Ловќен, а во рамките на Регионалната лига. Македонскиот претставник одигра одлично второ полувреме за својот втор триумф славејќи со убедливи 40-29.

За разлика од првиот меѓусебен дуел во Скопје, црногорскиот тим пружи многу посилен отпор на домашен терен. Домаќините беа мотивирани да го поправат лошиот впечаток и прикажаа голема борбеност. Алкалоид одлично го отвори натпреварот и преку сигурна игра брзо поведе со 4-1. Ракометарите на Ловќен не се предадоа и постепено ја топеа негативата пред својата публика.

Иако македонскиот состав стигна до предност од пет гола, домашната екипа направи целосен пресврт. Во драматичната завршница од првиот дел, Ловќен дури и поведе, но на пауза се замина со израмнети 18-18. Почетокот на второто полувреме донесе минимално водство за домаќините од 19-18. Тогаш скопскиот клуб целосно го промени пристапот и заигра многу поагресивно.

Со импресивна серија од шест последователни погодоци, Алкалоид стигна до клучна предност од 24-19. Разликата брзо стана двоцифрена, што значеше сигурна и заслужена победа за македонската екипа.

Најефикасен играч во победничкиот табор беше Иван Џонов со осум постигнати погодоци. Марко Митев ја затресе мрежата шест пати, додека Дамјан Митев и Никола Костески постигнаа по пет гола.

Следен натпревар за Алкалоид во Регионалната лига, ќе биде македонското дерби со Еурофарм Пелистеер, закажано за 23 септември во Битола.

Следете нé на социјалните мрежи