Македонските ракометни претставници Алкалоид и Охрид остварија победи во рамките на Регионалната ракометна лига.
Алкалоид до првата стигна со моќна игра на домашен терен против црногорскиот претставник Ловќен со неверојатни 54:37. Алкалоид уште од првата минута наметна пеколно темпо, па на полувреме замина со двоцифрена предност од 27:17. Најефикасен во победничкиот тим беше Урош Борзаш со осум голови. Нејц Цехте, Емилијан Ѓорговски и Александар Петковски постигнаа по седум погодоци. Со овој триумф, „сино-белите“ ја запишаа првата победа во регионалното натпреварување.
Одличните игри ги продолжи и екипата на тимот на Охрид. Охриѓани остварија гостинска победа над Динамо во Панчево со резултат 28:30.
И покрај тоа што домашниот тим имаше водство од 15:13 по првото полувреме, македонскиот претставник одигра фасцинантно во вториот дел и направи целосен пресврт. Со оваа трета победа во исто толку одиграни кола, охридскиот состав го задржа стопроцентниот ефект и цврсто застана на врвот на табелата.




























