Фудбалската репрезентација на Македонија вечер ќе го игра четвртиот натпревар во УЕФА Лигата на нации. Македонските фудбалери и гостуваат на Швајцарија во реванш дуелот од „Б“ сегментот во ова натпреварување.
Швајцарците го добија првиот меч во Скопје се убедливи 3:0, па јасно е дека и на вечерашниот натпревар важат за фаворити.
Висар Муслиу очекува од македонската репрезентација максимална тимска ангажираност против еден од најквалитетните противници во групата.
„Швајцарија не е само офанзивно силна репрезентација, имаат квалитет од голман до шпиц. Не може да говориме само за одбрана, затоа што ќе ни биде потребна тимска игра од напаѓач па до голман. Сите мора да учествуваме дефанзивно ако сакаме да бидеме успешни“, вели Муслиу.
Селекторот Гоце Седлоски на официјалната прес-конференција,м најави дека и на денешниот натпревар ќе има „ротации“ во тимот. Кои единаесетмина ќе го полнат мечот Седлоски ќе реши пред самиот натпревар.
Македонија е во низа од 11 натпревари без победа (речиси 13 месеци), а на последните седум е без постигнат гол.
Дуелот Швајцарија – Македонија ќе почне од 20.45 часот, а во истиот термин од нашата група, ќе играат Шкотска и Словенија.



































