Младите кошаркари го завршија првиот дел од подготовките. Селекторот Никола Велев ја провери физичката подготвеност на кандидатите за Европското првенство во Братислава.

Вториот дел од подготовките со себе ги носи и првите контролни натпревари за нашата младинска селекција. Во Скопје, ни гостува селекцијата на Босна и Херцеговина. Двете селекции ќе одиграат два контролни дуели.

Селекторот Никола Велев даде свој осврт за сработеното и за она што следува во наредниот период:

„Веќе сме влезени во вториот микроциклус, период во кој ќе одиграме четири пријателски натпревари. По две со селекциите на Босна и Херцеговина и Бугарија. Овие натпревари ќе ни послужат не само за да добиеме моментална слика за нашата работа во изминатиот период, туку и за да го одржиме континуитетот на раст и развој како екипа, што би требало да кулминира на Европското првенство во Словачка”, вели селекторот Велев.

Првата проверка против селекцијата на БиХ е закажана за попладне од 18 часот во малата сала на СРЦ „Кале“.