Најдобрата машка кошаркарска репрезентација на Македонија ги почна мини подготовките за претстојните европски обврски.

На чело со новиот селектор, Шпанецот, Жозеп Мариа Берокал, македонските репрезентативци ги чекаат два натпревари во претквалификациите за европското првенство 2029.

На првата прозивка на Берокал, во реновираната сала на „Градски парк“ се појавија 15 од шеснаесетте кошаркари кои се најдоа на неговиот прв список. Од него во тимот го нема Лејсон Зекири, додека Американецот Итан Хап го прескокна овој тренинг.

Шпанецот ќе има краток период да ги запознае кошаркарите што ги има на располагање. Затоа тука е неговиот прв асистент Ѓорѓи Кочов кој одлично ги познава играчите, иако неколку години работи во Германија.

Првиот натпревар Македонија ќе го игра на домашен терен во Скопје на 27 февруари кога ќе го пречека Луксембург. На 2 март, македонските кошаркари во Баку ќе му гостуваат на Азербејџан.

Следете нé на социјалните мрежи