Македонската тениска Дејвис куп репрезентација утринава отпатува за Никозија, каде ќе го игра дуел против селекцијата на Кипар.
Без Калин Ивановски, македонската репрезентација ќе се обиде да го задржи статусот во Втората Светска зона.
„По 20 години сме на едно повисоко ниво. Лани во Скопје постигнавме убав успех. Имаме добри тенисери, кои можат да играат за репрезентацијата.
Секако проблем е што нашиот најдобар играч Калин Ивановски нема да настапи. Тој е сега во САД и уште не е подготвен за мечеви од ова ниво физички и психички.
Промена на играч може да направиме и на еден ден пред почетокот на мечевите“, изјави селекторот Горан Шевченко.
Задачата нема да биде ни малку лесна бидејќи Кипар е репрезентација која во моментов е подобро рангирана од нашата селекција.
„Кипар има еден играч со ранг на АТП листата на 787. место, вториот е со ранг на 1.782 место.
Тие во текот на целата година играат пред сè на тврда подлога на која ќе играме и сега“, напомена Шевченко.
Според пропозициите од Дејвис купот ова е меч од Втората Светска зона. Со евентуална победа македонските тенисери во септември годинава ќе играат против една од селекциите кои ќе бидат поразени од Првата Светска зона. Противникот се одредува со извлекување на двојките и потенцијално може да бидеме и домаќини.
Пораз од Кипар значи дека во јуни годинава би играле како дел од Третата зона во група со 6-8 репрезентации (како што игравме лани во Скопје) и потенцијално и тие мечеви би можеле да се играат во Скопје.
Мечевите ќе се играат следниот викенд 7-8 февруари.

































