Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа продолжува со добрите игри, а како резултат дојде и денешната победа над првата носителка Маи Хонтама на ИТФ фјучрсот W75 Трнава. Ѓорческа во второто коло ја победи противничката од Јапонија со 2-0 во сетови (6:3 6:1) за два часа и девет минути игра.

Во текот на мечот Ѓорческа имаше седум брејка од 16 шанси, додека на противничката и дозволи три брејка од 19 можности што значи дека успеа да спаси 16 брејк топки во мечот, а притоа скорот на освоени поени беше 88:72 за македонската тенисерка.

Во првиот сет Лина успеа да направи брејк во четвртиот гем кога беа одиграни 18 поени и со тоа ја почна серијата од четири гема и поведе со 5:2 во гемови. За добивање на сетот повторно во 9.тиот гем се играа 18 поени и повторно македонската тенисерка го доби гемот, а со тоа и сетот. Во овој гем Ѓорческа ја искористи 4.та сет топка, а успеа да спаси две брејк топки. Во вториот сет по водството на македонската тенисерка од 2:1 во гемови се играше решавачкиот гем – гемот број 4. Беа одиграни дури 32 поена, Ѓорческа спаси 10 брејк топки, а ја искористи шестата можност за да го освои гемот. По водството од 3:1 во гемови. До крајот на сетот во трите гема скорот во освоени поени беше 16:9 за македонската тенисерка, која ги доби трите гема и сетот со 6:1.

Утре во четвртфиналето Ѓорческа ќе игра против Словенката Вероника Ерјавец, осма носителка.