Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, се враќа на меѓународната сцена. По ланскиот успешен настап на Европскиот шампионат, нашите најдобри одбојкари во мај месец ги очекува настап во Европската злата лига. Тоа ќе биде второ учество на Македонија во оваа конкуренција, во која лани дебитираа како вовед во Европското првенство.

Хари Наковски ќе биде наследник на Јошко Миленковски на селекторското место на нашата најдобра одбојкарска репрезентација.

„Сакам да упатам благодарност до ОФМ, голема чест е да се наследи и да се работи со Јошко како наше најголемо тренерско име.

Се надевам дека со добро здравје и со добра работа ќе ја исполниме целта“,

е првиот коментар на Наковски, кој минатата година му беше асистент на Миленковски.

Професорот останува во националниот тим, но сега како советник, а неговото искуство ќе го пренесе и со едукацијата која е важна за новите генерации македонски одбојкарски тренери. 

„Оваа сала, овој хотел, ова место, буди големи спомени, тука ги ковавме нашите резултати на последното ЕП. Тоа беше најубавиот дел од мојата тренерска кариера и сега веќе можам слободно да размислувам за тренерска пензија.

Мене ми е време полека да се повлекувам, а со големо задоволство ја предавам палката на Хари, тренер којшто ми помогна мене како селектор и на сите играчи да го дадеме најдоброто.

Верувам дека Хари со своите помошници и со моја помош, сега од еден друг агол во насока на логистика, совет, поддршка итн. ќе биде успешен, а јас на тој начин ќе бидам дел од нашиот следен успех“,

Миленковски ја објаснува својата улога во репрезентацијата.

Македонија во новото издание на Златната лига ќе одигра шест натпревари во групната фаза, во која противници ќе ги има селекциите на: Естонија, Чешка, Белгија, Азербејџан, Шпанија и Хрватска.