Кошаркарите на ТФТ се изнамачија да го совладаат расположениот Охрид во натпреварот од 21.коло на Првата лига.

На дуелот во „Билјанини Извори“ скопскиот тим до триумфот со 89-78 дојде по дополнителните пет минути игра, откако регуларните 40, завршија нерешено 72-7).

Поголемиот дел од првото полувреме мина во подобра игра на домаќините. Охриѓани го добија првиот период со три разлика (14-11), а во вториот имаа и +7 (20-13). Сепак скопската екипа брзо се врати во игра и го израмни резултатот. Постојано ТФТ бркаше „минус“, а на истекот на 17-тата таа изнесуваше и -8 (35-27). Сепак, до крајот на полувремето, домаќините постигнаа само два, а противникот десет поени, па на одмор се замина со израмнето 37-37.

Во вториот дел, поинаква слика. Гостите, ја презедоа контролата над играта по минималното водство (43-44), направија серија 15-5 и на крајот на третиот период имаа +11 (48-59). Во последната четвртина Охрид беше тимот кој бркаше негатива. Тоа успеаја да го сторат на 22.секнди пред крајот, кога Андерсон реализира едно од двете слободи фрлања и го израмни резултатот на 72-72. Последниот напад го имаа гостите, но не го реализираа, па мечот отиде во продолжение.

Во дополнителните пет минути, немаа сили кошаркарите на Охрид за комплетен пресврт, па ТФТ славеше со конечни 89-78.

За домашниот состав бадијала се покажаа „дабл-дабл“ ефектите на тројцата Американци. Андерсон заврши со 28 поени и 10 скокови, Лајонс имаше 22поени и 18 скокови, а Бровер 22 поени и 12скокови.

Петмината „стартери“ на ТФТ завршија со двоцифрен број на поени. Ташовски со 19 поени беше прв стрелец, Зафиров постигна 17, Николов 15, Кахун 12, а Луис беше стрелец на 10.

Со оваа победа ТФТ изби на третото место на табелата зад работнички и МЗТ Скопје Аеродром. Сега тимот од Тафталиџе има скор 14- и се израмни со Чаир и Пелистер, но битолчани својот натпревар од оваа рунда ќе го играат во среда против ФМП Академија.

ТАБЕЛА: Работнички 39, МЗТ Скопје Аеродром 36, ТФТ 35, Чаир 35, Пелистер 34, Еуро Никел 33, Феникс 32, Гостивар 29, Кожув 26, Охрид 25, Академија ФМП 24, Вардар 24.