Ракометната репрезентација на Франција е нов европски шампион откако во финалето на Европското првенство во Келн по продолжение ја совлада Данска (светски првак) со 33:31.
За Франција ова е четврта титула европски првак, а воедно „триколорите“ се и олимписки шампиони. Франција по 10 години повторно стана европски правак.
Како и што се очекуваше првиот дел мина во голема борба со минимална предност на двете репрезентации. Франција прва успеа да се одлепи со водство од 6:4 (13. минута), но Данска со серија од 4-0 дојде до +2 (8:6) во 16. минута.
При серија од четири голови на Данска, најзаслужен е голманот Нилсен, кој одбрани неколку зицери, а првиот дел го заврши со 11 одбрани. Во продолжението Франција се обидуваше да дојде до предност, но резултатот најчесто беше нерешен во овој дуел дури 11 пати.
На стартот од вториот дел Данска поведе со 17:14 за потоа „триколорите“ постојано да ја бркаат предноста на ривалот. Во последните десет минути Данска имаше гол предност, а Франција изедначи за првпат во вториот дел вкупно 12-тото израмнување на 23:23, а по 24:24.
Кентин Мае реализираше седум метри за Франција и водство од 25:24. По тајмаутот, Данска почна да игра 7 на 6 во напад. Микаел Хансен ги постигна првите голови од игра за водство на Данска 26:25. При водство од 27:26 Ремили погоди статива од голот на Данска, а селекторот на Данска Јакобсен побара нов тајмаут. Сепак, Данска не го реализираше нападот, а на 30 секунди до крајот изедначи Лудовик Фабрегас на 27:27. Во последниот напад Данска не реализираше и натпреварот замина во продолжение.
Во регуларните 60 минути имаше дури 16 изедначувања на резултатот.
И првото продолжение заврши без предност 29:29, а резултатот уште во два наврати беше изедначен. Почетокот на второто продолжение беше во знакот на двата гола на Дика Мем, негови први голови на натпреварот што на крајот се покажа како решавачко.
Микаел Хансен со 9 голови беше најпрецизен, а 7 голови постигна од 7 метри, додека кај Франција Фабрегас имаше 8 голови. Емил Нилсен од Данска финалето го заврши со 15 одбрани.
Следното Европско првенство ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска во 2026 година.