Второто коло во нашата група на ЕП во ракомет 2024 во Германија го донесе досега и најголемото изненадување на турнирот.

Тоа се случи во нашата група, откако предмалку Швајцарија во Берлин одигра сензационални 26-26 (14-14) против олимпискиот шампион Франција и го освои првиот бод во групата.

Швајцарците беа рамноправен противник со големата Франција во текот на целиот меч. Имаа и два гола предност 13-11, но триколорите не дозволија и поголема разлика.

Во вториот дел Франција се одлепи на 16-20, а Портнер и Зендер ги вратија Швајцарците во игра кога намалија на 21-22. При 21-24 за Франција, нова серија на Швајцарија со која израмни на 24-24.

Вистинска драма се случуваше во последната минута.

Ричардсон не реализираше пенал за Фрација, па Швајцарија по тајмаутот имаше напад за победа.

Сепак тие не го реализираа нападот па мечот заврши 26-26 по бод за двете репрезентации.

Кај Швајцарија, Лаубе даде 9 гола, Шмид 5, а Портнер на голот запиша десет одбрани. Кај Фрација Мем даде 7, а Фабрегас 6 гола.

Во оваа група вечерва од 20.30 часот Македонија игра против домаќинот Германија.