Македонскиот тенисер Калин Ивановски како победник го заврши фјучрсот во австрискиот град Крамсах (награден фонд 25.000 долари).

Тој во финалето го победи Жерар Кампана Ли од Кореа со 2-0 во сетови (6:2 и 6:2) за 68 минути.

Ова за Ивановски е втора турнирска победа во 2023 година откако претходно победи и на фјучрсот во Скопје. Воедно ова е негова петта турнирска победа откако претходните три ги имаше на турнири од рангот фјучрс 15 (Мадрид, Хераклион и Монастир) и сите беа минатата година.

Од самиот почеток на мечот Ивановски покажа е максимално подготвен и дека одлично ја одигра целата недела. Веднаш во првиот гем на сервис на противникот направи брејк и имаше водство од еден брејк – 2:0 и 3:1. Во петтиот гем од првиот сет нашиот тенисер направи уште еден брејк за 4:1 и оваа предност ја зачува до крајот на сетот, кој го доби со 6:2 во гемови.

Во вториот сет повторно два брејка за Ивановски, но сега во третиот и седмиот гем, па и овој сет го заврши со 6:2 во гемови. Притоа по третиот гем противникот побара и медицинска помош.

Ивановски имаше четири аса во мечот од кои три во последниот гем, немаше ниту една двојна сервис грешка со реализација на брејк топките од 67 % (4/6), додека на противникот не му дозволи ниту една брејк топка. Во вкупниот број поени скорот беше 60:37 за Ивановски.

За победата на овој турнир Ивановски ќе добие 25 поени.

Следниот настап нашиот тенисер би требало да го има на Челинџер турнирот во Бања Лука.