Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, ја започна „операцијата“ Европско првенство.

Најдобрите одбојкари попладнево се собраа во Скопје, каде ќе имаат 40-дневни подготовки за првенството чиј ко-домаќин ќе биде нашиот главен град.

„Во првата фаза ќе имаме 20 одбојкари, шанса ќе добијат сите.
Првиот дел од подготовките секако е најважен. Во него, треба да направиме база. Во втората фаза во август следуваат бројните пријателските натпревари. Секој одбојкар мора да го даде  максимум и да биде подготвен. До Европската федерација треба да дадеме список од 22 одбојкари, а на крајот ќе решиме кои 14-мина ќе настапат на шампионатот“, изјави Миленковски.

Искусниот стратег верува дека со добрата атмосфера и игра која ја прикажаа одбојкарите во Златната лига ќе продолжи и сега. Тоа е предуслов за добар резултат на шампионатот во Скопје.

„Имаме голем предизвик пред нас. И притисокот ќе биде голем, бидејќи ќе играме пред домашната публика. Свесни сме дека од нас се очекува добар резултат. Верувам дека ако продолжиме да одиме во нагорна линија во однос на Златната лига, тогаш тоа и ќе го потврдиме на првенството“, потенцира Миленковски.

Македонија, односно Скопје, ќе биде домаќин на дуелите од Ц групата. Во неа, црвено-жолтите за противници ќе ги имаат: Данска, Црна Гора, Полска, Холандија и Чешка, со кои ќе играат редоследно.