Женската репрезентација на Македонија денеска го игра дуелот од третото коло од Третата Европска зона од Били Џин Кинг купот во Скопје. Противник на нашите тенисерки ќе им бидат репрезентативките на Финска селекција која е еден од двата носители и втората по ранг репрезентација во Скопје зад Луксембург.Денешниот ривал минатата година беше дел од Втората Светска група.

Ова ќе ни биде трет меѓусебен дуел против Финска и во двата претходно противничките победија. Во првиот меч одигран 1998 година во Турција, Финска победи со 2:1 тоа беше меч од Втората Евро-африканска зона, а вториот дуел се играше во Молдавија како дел од Третата Евро-африканска зона и Финска слевеше победа од 3:0.

На двата досега одиграни дуели во Скопје за Финска во сингл мечевите настапија и двата ги добија: Анастасија Куликова (23 години, 355 место ВТА) и Лаура Хиетаранта (19, 625), додека во двојки играат (и победија) Ела Хаависто (21, 1281 двојки) и Стела Ремандер (17, 1135 двојки).

Почетокот на дуелот е во 10 часот и се игра на Централниот терен на ТК Југ. Влезот е слободен.

Распоред на дуелите од 3.коло – 21.јуни:

Централен терен: Македонија – Финска (Б група)

Терен број 5: Луксембург – Кипар (А група)

Терен број 6: Исланд – Азербејџан (Б група)

Терен број 7: Црна Гора – Сан Марино (А група)

Терен број 8: Молдавија – Албанија (Б група)

Пласман по второ коло Б група: Македонија 2-0 (победи-порази), Финска 2-0, Молдавија 1-1, Албанија 1-1, Исланд 0-2, Азербејџан 0-2.

Пласман по второ коло А група: Ерменија 2-0, Кипар 1-0, Луксембург 1-0, Црна Гора 0-2, Сан Марино 0-2.