Новак Ѓоковиќ стана рекорден кога во прашање се настапите во четврт-финалето на Роланд Гарос.

Српскиот тенисер во осминафиналната рунда беше подобар од Перуанецот, Хуан Пабло Вариља во три сета совладувајќи го со 6:3, 6:2 и 6:2.

Овој пат освојувачот на 22. Грен слем титула ја немаше публиката против себе, но навивачите во Париз го поддржаа и се восхитуваа на неговите потези, па не треба да чуди доколку има ваква поддршка во остатокот од турнирот.

Така популарниот Ноле по 17-ти пат обезбеди место меѓу осумте најдобрите на Грен-слемот во Париз, со што стана првиот тенисер на Роланд Гарос кому му успеало тоа.

Ѓоковиќ во четврт-финалето ќе игра против рускиот тенисер Карен Качанов, кој во четири сета беше подобар од Лоренцо Сонего (1:6, 6:4, 7:6, 6:1).