Казахстанската тенисерка Елена Рибакина се повлече од натпреварите на вториот овосезонски Гренд-слем, Ролан Гарос, соопштија организаторите.

Актуелната четврта тенисерка на ВТА листата и шампионка од Вимблдон, денеска требаше да го одигра мечот против Сориберс Тормо од Шпанија, но мораше да се повлече поради здравствени проблеми.

„Вчера не се чувствував најдобро, имав впечаток дека имам температура. Се надевав дека денес ќе биде подобро, но тоа не се случи. Состојбата во која сум моментално не ми остава друго решение, па решив да се повлечам“, изјави Рибакина.

Според информациите од Париз, Рибакина има респираторна инфекција и не може да се напрега, поради што решила да не излезе на теренот.

Таа заедно со Ига Швјонтек и Арина Сабелнка, важеа за топ фаворитки за освојување на трофејот. Рибакина ќе има доволно време да оздрави и во Лондон да го брани трофејот на Вимблдон.