Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа не успеа и во второто финале во сингл оваа година да победи. Поуспешна од неа денеска на завршниот меч на фјучрсот во Куршумлијска Бања беше Јулија Авдеева од Русија. Таа славеше победа со 2-0 во сетови (6:1 и 6:4 во гемови) за 1 час и 22 минути.

Ова беше втор меѓусебен дуел на двете тенисерки и сега скорот е 1:1 во добиени мечеви, првиот го доби Лина во Лиепаја во мај 2021 година.

Нашата тенисерка немаше ниту еден берјк во мечот, а имаше само една брејк прилика и не ја искористи. За разлика од неа противничката имаше солиден процент на искористеност 3/5. Првиот сет почна со водство на руската тенисерка од 3:0 во гемови, а потоа предноста растеше, со тоа што Ѓорческа освои еден гем на средина од сетот (3:1). И вториот сет почна со брејк на Авдеева, која поведе со 2:0, а предноста ја зачува до крајот на мечот и сетот го доби со 6:4.

За Ѓорческа ова беше вторто финале во 2023 година и повторно е поразена како и на турнирот во Талин, каде загуби од Јанина Викмајер од Белгија.