Македонскиот тенисер Обрад Марковски со победа ги почна квалификациите на Челинџер 75 турнирот Macedonian Open 2023 откако во мечот од првото коло од квалификации го совлада Евгениј Карловски од Русија со 2-0 во сетови (6:2 и 6:1 во гемови). Мечот траше 1 час и 9 минути, а утре во финалето од квалификациите ќе игра против Карол Дрзвиецки од Полска, кој беше подобар од македонскиот тенисер Бесир Дургути со 2-0 во сетови (6:2 и 6:1) за 55 минути.

Марковски имаше контрола во текот на целиот меч, а притоа оствари и шест брејка од девет можности колку што ги имаше. За разлика од него противникот имаше пет брејк прилики, а искористи само една.

Покрај Дургути турнирот во квалификациите веќе го заврши и Берг Бугариќ. Тој загуби од Унгарецот Мате Валкуж со 2-0 во сетови (6:4 и 6:1) за 1 час и 20 минути.

Од македонските тенисери во првото коло во квалификациите ќе настапи и Горазд Србљак, кој за противник го има Дује Ајкуковиќ од Хрватска.

На „главниот турнир“ ќе игра најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски.