Македонската тенисерка Лина Ѓорческа по три часа игра успеа да избори четвртфинале на фјучрсот во Загреб. Таа ја победи четвртата носителка Хедер Вотсон од Велика Британија со 2-1 во сетови (6:7 (2:7); 6:4 и 7:6 (9:7)).

Првиот сет по изедначена игра и припадна на Британката Вотсон (која има Грен слем титула во мешани двојки од Вимблдон) со 7:6 во тај брекот со 7:2 на поени. Во вториот сет македонската тенисерка веднаш направи брејк предност и поведе со 3:0, но противничката сепак ја врати неизвесноста во сетот израмнувајќи на 4:4. Ѓорческа со уште еден брејк го доби сетот со 6:4.

Во решавачкиот сет македонската тенисерка повторно имаше брејк и водство од 3:1 и 4:2 во гемови, но Вотсон изедначи на 4:4 и сетот и мечот беше решен во тај брекот. Лина Ѓорческа ја искористи првата меч топка за 9-7 поени.

Во четвртфиналето ривалка ќе и биде Ела Сидлер квалификантка од Германија, која во второто коло ја победи Ралука Георгиана Сербан со 7:5 и 6:2 во гемови.