Во хрватските градови Сплит и Дубровник оваа недела на програмата се турнири каде настап имаат македонските тенисери во двете конкуренции. Сепак денешните мечеви во поединечна конкуренција не донесоа добри вести. Лина Ѓорческа во првото коло на фјучрсот во Сплит (награден фонд 40.000 долари) е поразена од третата носителка Тара Вурт од Хрватска со 2-0 во сетови (6:3 и 7:6 (7:0) во гемови) за 90 минути игра. Ѓорческа настапува на турнирот и во игра на двојки заедно со Вероника Ерјавец од Словенија и по стартната победа ги очекува меч во четвртфиналето.

Калин Ивановски на фјучрсот во Дубровник (награден фонд 25.000 долари) е рангиран како петти носител и својот меч од првото коло против Матео Донати од Италија ќе го игра утре. Денеска во игра на двојки заедно со Лука Микрут од Хрватска (4.носители) ги победија Игор Дудин (Украина) и Прземислав Михоцки (Полска) со 2-0 во сетови (6:2 и 6:4 во гемови).

Настап на турнирот во квалификациите имаше и Горазд Србљак, кој денеска во 3.то коло загуби од Вања Хоџиќ од Босна и Херцеговина. Првиот сет во тај брек го доби Србљак со 7:6 (8:6), а во вториот подобар беше Хоџиќ со 6:4 во гемови, додека во решавачкиот сет на поени со 10:8 поуспешен беше Хоџиќ.