Македонскиот претставник во еврокуповите Лига Европа битолски Еурофарм Пелистер доживеа пораз во натпреварот од 7.коло од групата Д. На гостувањето во Архус кај истоимената домашна екипа загубија со 24:22 (11:11).

Битолчани одиграа добро прво полувреме во кое најчесто беа во водство, а во пет наврати имаа и два гола предност последен пат 11:9. Домашните ракометари изедначија на крајот од првиот дел.

Второто полувреме почна во знакот на домашната екипа која со серија од три гола поведе со 14:11, а потоа таа предност ја одржуваше и ја зголемуваше за највисоко водство од 21:13. Тоа беше знак дека победата ќе биде во нивна корист, а Еурофарм Пелистер до крајот на натпреварот само го ублажи поразот со серија од 9-3.

Најефикасен на дуелот беше Мортен Кристенсен од Архус со 7 голови, а кај Еурофарм Пелистер Мирко Радовиќ и Жако Пешевски постигнаа по 4. Голманот на Архус Салах Бутаф имаше 13 одбрани, а голманите на македонскиот тим Урбан Лесјак и Марко Кизиќ имаа заедно 18 (12 + 6).

За Еурофарм Пелистер ова е трет натпревар во серија без победа, а во следното коло на 14.февруари на домашен терен играат со последнопласираниот тим од групата португалската екипа Агуаш Санташ.