Поразот на МЗТ Скопје на гостувањето во Белград кај Партизан беше очекуван, но секако никој во таборот на бело-сините, ниту во најлошиот сон не помислиле, дека ќе останат и без еден играч на подолг период.

Имено станува збор за новото засилување, Кеандре Кук.

Американецот кој пред неколку дена пристигна во Скопје, како сериозно засилување за аеродромци, пред се за дуелите во АБА лигата, најверојатно подолг период нема да му биде на располагање на новиот тренер Александар Николиќ.

Во своето деби Кук одигра само 5.минути во првата четвртина и се пожали на повреда на рамото, по што го напушти теренот и не се врати.

По натпреварот на прес-конференцијата, тренерот Николиќ информира.

„Му се измести рамото, еден од трите лигаменти му е скинат, поточно се работи за скинат или делумно скинат лигамент, во Скопје ќе следи магнетна резонанца. Најважно ми е она кое моите уши го чуја, тоа е дека паузата е максимум месец дена“.

За потврда на првичната информација, сепак ќе мора да се почекаат дополнителните прегледи во Скопје, а со надеж дека не се работи за толку сериозна повреда, навивачите на МЗТ и јавноста, деновиве ќе ги чекаат информациите од „Јане Сандански“.