Македонскиот кошаркарки првак МЗТ Скопје Аеродром по кратката празнична пауза утре го продолжува својот настап во регионалната АБА конкуренција.

Во „Јане Сандански“ доаѓа актуелниот шампион белградска Црвена Звезда. Новиот тренер на сино-белите Александар Николиќ е свесен за аутсајдерската улога која ја има неговиот тим, но верува дека неговите избраници ќе дадат се од себе достојно да му се спротивстават на фаворизираниот противник

„Би сакал пред се на сите да им ги честитам новогодишните и божиќните празници, со желба за среќа и здравје. Играме против најсилниот можен противник, најголемиот фаворит за титулата во АБА, кој има реални шанси и за пласман во плејофот во Евролигата. Црвена Звезда има широк ростер, има одличен тренер кој прави чуда и без многу играчи кои се повредени, за што потврда е вчерашниот триумф во Валенсија. Згора на тоа, белградскиот тим против нас ќе биде посилен и за фантастичниот Кампацо, што уште повеќе ќе им ја зголеми и онака огромната фаворитска улога. Сепак, ова не значи дека МЗТ однапред ќе се предаде. Нашата цел останува опстанокот во АБА, поради што ќе мораме на секој меч да го дадеме максимумот, без разлика на силината на противникот. Се надевам дека навивачите ќе дојдат во голем број и ќе ни ја дадат потребната поддршка од трибините, каде очекувам спектакл“, изјави Николиќ во пресрет на утрешниот натпревар.

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Црвена Звезда е во рамките од 18.коло, а почетокот на средбата е од 17 часот.