Екипата на Далас „Маверикс“ ќе ја заврши сезоната во регуларниот дел од сезоната. Иако „Мавси“ по „ол старот“ го доведоа Кајри Ирвинг во своите редови, кој заедно со Дончиќ го сочинуваат најдобриот бековски тандем, со амбиции за висок пласман, сепак тимот од Тексас, не обезбеди пласман ниту во разигрувањето.

Ноќеска пред своите симпатизери Далас загуби од Чикаго со 115-112. Словенецот играше само во првата четвртина во која постигна 12 поени, а во тимот ги немаше Кајри Ирвинг и Тим Хардевеј, па „Мавси“ на крајот загубија, а со тој пораз и дефинитивно се простија од разигрувањето.

Со тоа беше разрешена и последната дилема околу 20-те екипи кои ќе продолжат во разигрувањето. Единствено сеуште е непознато кои два тима ќе им се приклучат на: Денвер, Мемфис, Сакраменто и Феникс во плеј-офот на западната конференција, за кој сеуште се борат шампионот Голден Стејт, двата тима од ЛА Клиперси и Лејкреси, Њу Орлеанс и Минесота, додека извесно е дека Оклахома ќе игра во плеј-инот.

На истокот, ситуацијата е „кристално“ јасна.

Милвоки, Бостон, Филаделфија, Кливленд, Њу Јорк и Бруклин ќе играат во плеј-офот, за кој преку плеј-ин дуелите место ќе бркаат Мајами, Атланта, Торонто и Чикаго.

Регуларниот дел од сезоната завршува утревечер, со дуелот меѓу Портланд и Голден Стејт што ќе се игра во терминот од 21:30 часот.