Српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ и официјално е нов кошаркар на Хјустон Рокетс, откако потпиша договор како слободен агент.

Клубот од Тексас му посака добредојде на искусниот бек, со што се комплетираше трансферот по заминувањето од Лос Анџелес Клиперс.

Богдановиќ зад себе има богата деветгодишна кариера во НБА, каде што дебитираше во дресот на Сакраменто Кингс. Во најсилната лига на светот, искусниот стрелец со голем успех настапуваше и за тимот на Атланта Хоукс.

За девет сезони тој одигра 526 натпревари, со одличен просек од 14 поени и три асистенции по меч.

Богдановиќ воедно е и најдобар стрелец во историјата на српската репрезентација, предводејќи ја до олимписко сребро и бронза.