Три селекции во машка и една во женска конкуренција, ќе ја претставуваат Македонија, претстојното лето, на европски младински првенства. Тие денеска ги дознаа своите противници против кои ќе играат во второлигашката конкуренција „Б“ Дивизија.
Машки младински национален тим ќе патува во Братислава, Словачка, од 10 до 19 јули, каде ќе се игра евро-шампионатот за кошаркари до 20 години.
Тие ќе играат во A групата, а за противници ќе ги имаат: Шведска, Ирска, домаќинот Словачка и Азербејџан.

Јуниорската селекција до 18 години од 24 јули до 2 август ќе се игра во Хрватска, поточно во Ријека и во Опати.
Таму Македонија ќе настапува во Д групата, во кој се и селекциите на: Шведска, Унгарија, БиХ и Грузија.

Македонија, односно Скопје, пак ќе биде домаќин на едно натпреварување. Тоа ќе биде кадетскиот шампионат за кошаркари до 16 години што ќе се одржи во периодот од 6 до 15 август.
На првенството ќе настапат вкупно 22 репрезентации поделени во две групи во пет и две групи по шест селекции.
Македонските кадети ќе играат во рамките на Б групата против: Хрватска, Швајцарија, Исланд, Украина и Кипар.

Единствената женска селекција која ќе игра на европската сцена, е онаа за кошаркарки до 18 години.
Македонските јуниорки во период од 31.јули до 9.август ќе бидат во Тулчеа, Романија.
Противнички во Д групата ќе им бидат врсничките од: Грција, Словачка, Велика Британија и Данска.





































